Добар почеток на годината: Македонија скокна три места на ФИФА-листата!

Добро почнува и фудбалската 2018 година, откако Светската фудбалска федерација ((ФИФА) го потврди скокот од три позиции на македонската фудбалска репрезентација на јануарското рангирање, па сега црвено-жолтите се 73-ти на светот.

Иако Македонија немаше активности, како и речиси сите останати репрезентации, поради поместувања во изминатите четири години, колку што се пресметуват резултатите за рангирањето, на Македонија и донесоа напреок од три места, па декемвриското 76-то сега го заменуваме со 73-то, што е најдобар ранкинг на А-тимот во последните повеќе од седум години.

Последен пат Македонија беше 73-то пласирана на ФИФА-листата во октомври 2010 година, по што следуваше константен пад, кој лани во март не донесе на најниски гранки (166-то место), но добрите резултати во изминатите 10 месеци, а особено во ослендите четири придонесоа да напредува Македонија дури 90 позиции во 2017 година, а еве трендот на напредок продолжува и во новата 2018 година.

Македонија во среда ќе ги дознае противниците за новоформираната Лига на нации, преку која има отворен пат кон Евро 2020 низ Европа. Ждрепката е закажана за 24 јануари во Лозана, а Македонија од првиот шешир како носител ќе ги чека трите противници во групата, по што потребно е да биде првопласирана за да обезбеди плеј-оф за настап на ЕП.

На врвот на ранг-листата нема да има никаква промена, па Германија ќе остане лидер пред Бразил, Португалија, Аргентина, Белгија, Шпанија, Полска, Швајцарија, Франција и Чиле.