Судиите ги осакатиле Работнички и Шкендија – им свиреле непостоечки офсајди!

После едно коло без грешки во македонскиот домашен фудбал, нови две кардинални пропусти направиле судиите на дерби пресметката од последното петто коло во Првата лига помеѓу Работнички и Шкендија кое заврши со трилер-триумф со два гола во судиското надополнување на тетовци (1-2).

Стојан Трпчевски со помошниците Драган Трпчевски и Владимир Митревски досудиле два офсајди, кои според судиската анализа, воопшто не постоеле. Оштетени за гол или шанса за гол биле и дебармааци и тетовци.

Првата ситуација била во 53-та минута кога очигледната грешка на судиите спречила израмнување на Шкендија, откако Работнички по првиот дел водеше со 1-0.

„53 минута: ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ВТОРИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА ( За досудена офсајд позиција за гостинската екипа- поништен регуларен гол за гостинската екипа)

Напаѓач од гостинската екипа од втор план се уфрлува и добива топка од негов соиграч, при тоа тој се наоѓа во регуларна позиција, истиот центрира до свој соиграч кој е во иста линија со него, ја прима топката и постигнува гол.

Погрешна одлука на вториот помошен судија што досуди офсајд позиција, бидејки играчот на гостинската екипа што постигна гол во моментот кога му беше додадена топката од соиграчот, се наоѓаше во линија со соиграчот и голот е регуларен (нема офсајд позиција)“, се образложува во судиската анализа.

Четири минути пред крајот, судиите го оштетиле и Работнички со офсајд кој ако не бил свирнат многу извесно е дека дебармаалци немаше да загубат.

„86 минута: ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ПРВИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА ( За досудена офсајд позиција за домашната екипа - напаѓач од домашната екипа се наоѓа во очигледна шанса за гол)

Во еден брз контранапад, играч од домаќините додаде топка до свој соиграч кој продираше по левата страна централно во полето на гостите и во моментот на додавање на топката од својот соиграч се наоѓаше во линија со предпоследниот играч од гостинската екипа.

Погрешна одлука на првиот помошен судија кој го подигна знаменцето и ја прекина играта поради офсајд позиција, бидејки во моментот кога му беше додадена топката од соиграчот, играчот на гостите се наоѓаше во очигледна шанса за гол и не се наоѓаше во офсајд позиција“, стои во образложението.

Други грешки на мечевите од Првата и Втората ,лига не се констатирани, а целиот извештај за арбитражата може да ја прочитате ТУКА.