Синот на Карло Анчелоти стана тренер на шампионот на Бразил и на Јужна Америка!

Давиде Анчелоти, син на легендарниот стратег Карло Анчелоти, го доби својот прв самостоен тренерски ангажман само три недели пред да наполни 36 години, откако е промовиран во нов предводник од клупата на бразилскиот гигант Ботафого.

Станува збор за актуелен шампион на Бразил и на Копа Либертадорес, најпрестижното клупско натпреварување во Јужна Америка.Анчелоти јуниор беше блиску до преземање на шкотскиот Ренџерс, но на крајот се реши за бразилски предизвик. Тој девет години му беше помошник на неговиот татко Карло Анчелоти во клубови како Баерн Минхен, Наполи, Евертон и Реал Мадрид. Откако Карло ја презеде бразилската репрезентација, Давиде остана негов асистент и во националниот тим, а ќе ја комбинира таа улога со новата функција во Ботафого.

Бразилскиот шампион изминатата сезона го водеше Артур Жорже, кој по големите успеси се пресели во Катар. На негово место во февруари дојде Ренато Паива, кој по само неколку месеци беше отпуштен. Под негово водство, Ботафого приреди изненадување победувајќи го ПСЖ во групната фаза на Светското клупско првенство, но потоа испадна од Палмеирас во првото елиминациско коло.

Сопственик на Ботафого е американскиот бизнисмен Џон Текстер, кој е познат и како газда на француски Лион и англискиот Кристал Палас.

ФОТО: EPA PHOTO