Стравична сцена во САД: Голман доби колено во глава, мечот веднаш беше прекинат (ВИДЕО)

Голманот на Сиетл Саундерс, Стефан Фреј, доживеа сериозна повреда на главата за време на натпреварот против Колумбус Кру (1-1) во синоќешен меч од МЛС лигата во САД.

Инцидентот се случи во судиското продолжение кога Фреј беше незгодно удрен со колено во глава од противнички играч. Веднаш интервенираше медицинскиот тим, а американскиот голман со носилки беше изнесен од теренот и префрлен во болница. Средбата во истиот момент беше прекината.

Фреј по инцидентот се огласи преку социјалните мрежи, изразувајќи благодарност за поддршката:

„Сè уште се обидувам да сфатам што точно се случи на крајот од натпреварот, но бескрајно сум благодарен на сите кои се погрижија за мене. Среќен сум што сум дома и што одмарам. Пораките, повиците и љубовта што ги добив ми значат повеќе од што можам да опишам“, напиша Фреј.

Фреј (39) е еден од најискусните голмани во МЛС и има настапувано за Торонто и Сиетл, каде што се смета за вистинска клупска легенда.

ФОТО: Jane Gershovich / Sounders FC Communications