Шок од Битола: Тренерот Раул Алонсо го напушти Пелистер!

Македонскиот ракометен шампион Пелистер утринава ги изненади своите навивачи, но и целата спортска јавност со информацијата дека Раул Алонсо повеќе не е тренер на оваа екипа.

Битолчани преку кратка објава на социјалните мрежи ги објаснија причините за заминувањето на Шпанецот.

„Пелистер и Раул Алонсо спогодбено ја прекинаа соработката. До прекин на соработката дојде по барање на тренерот кој поради приватни причини побара да се врати во Германија. Му се заблагодаруваме на Раул и му посакуваме многу успех понатаму“, напишаа од таборот на првакот.

Алонсо на зелено-белата клупа дојде во ноември минатата година и откако прво беше напаѓан за загубениот трофеј во Купот на Македонија и поразот во Битола од големиот ривал Вардар во првиот меѓусебен меч од плејофот, тој го предводеше тимот до шампионскиот пехар со победа во последното коло над црвено-црните во Скопје. Тој најголем дел од својата ракометна кариера како тренер ја мина во Германија, каде што се очекува и да продолжи како предводник на Лајпциг, што е главна шпекулација во ракометните кулоари.

Пред битолчани сега е период во кој ќе мора да најдат адекватна замена за Шпанецот во обидот да го задржат шампионскиот трофеј во Битола, но и пред уште еден настап во Лигата на шампионите.