Македонската одбојкарска репрезентација ја победи Хрватска после дво ипол часовна борба за втор триумф во групата во Златната лига и избивање на второто место во групата Б, откако вечерва славеа избраниците на Јошко Миленковски со 25-17, 25-22, 22-25, 29-31, 16-14.

Во неверојатен меч со еден куп пресврти и со брилјантниот Никола Ѓорѓиев кој имаше дури 29 поени зад себе, Македонија победи дури по пет сета, иако тргна извонредно и ги освои првите два со 25-17, па 25-22 и сѐ водеше дека брзо и лесно ќе ги збришеме Хрватите до средина на третиот сет, но црвено-жолтите одбојкари застанаа.

Хрватска успеа во втората половина од третиот сет да се избори да остане во живот, пресуди подобрата игра во тој момент, па мечот влезе во четврти сет во кој тргнавме ужасно со 1-7, па имавме 13-19, но со неверојатна борба дојде мечот до егал 20-20, а продолжи со страшна борба во која пропуштивме две меч топки, а Хрватска од третата меч топка израмни освојувајќи го сетот со 60 поени (31-29).

Во последниот петти сет, тај-брејкот, по израмнетите 3-3, Македонија прва направи серија од 3-0 за да дојде до 6-3, разликата ја одржуваше со 12-9, кога Хрватите на сервис на Митрашиновиќ врзаа три поени, за да се влезе во многу неизвесна завршница, во која на крајот нијанси решаваа за Македонија да го освои овој сет и да побед.

Украина со 3-0 победи во Белгија за да го задржи максималниот ефект од три победи досега без загубен сет, славејќи со 25-21, 25-21, 25-23.