Репрезентативните офанзивци во гол-форма како никогаш досега!
Македонија на 24 март во Скопје го отвора циклусот против Малта, „аутсајдерот“ во нашата „група на смртта“ покрај великаните Италија и Англија и секогаш тешката Украина, па стартна победа е императив, но најмногу од сѐ, овој меч треба да покаже дали Македонија го научила лекциите од неуспешниот циклус во Лигата на нации каде старата и најголема болка беше – реализацијата.
Во Лигата на нации каде што завршивме како трети во групата со само две победи над слабиот Гибралтар, вкупно дадовме седум гола, од кои шест со Гибралтарците, па всушност само еден гол ни беше ефектот против главните ривали Грузија и Бугарија, иако создававме шанси, ама мрежата на противниците остана нечепната.
И тој проблем беше посочен како „главен“ и во тестовите во ноември со Финска (1-1) и Азербејџан (1-3), па дали е научена лекцијата ќе видиме за неполн месец, со тоа што сега барем на почеток на годинава разгоропадени се дел од репрезентативците.
Пред сѐ тоа се Доријан Бабунски (Дебрецин) и Бојан Миовски (Абердин) со по пет гола, Валон Етеми со четири (Истанбулспор), тука е Елиф Елмас кој од почеток на годинава има три погодоци од вкупно шесте за Наполи, па Аријан Адеми и Стефан Ристовски со по два гола и асистенција (Динамо Загреб) , како и Александар Трајковски кој врза два гола на последните два меча за својата Ал Фејха.
Миовски сезонава има 17 гола за Абердин од кои пет се во оваа 2023 година, Етеми има ефект од девет гола и три асистенции (четири гола и асистенција во новата година), а Бабунски девет гола (пет во новата година), како фудбалери кои се најефективни ширум Европа од избраниците на селекторот.
Но, колку што радува добриот почеток на годинава кај овие репрезентативци, истовремено многу загрижувачки се друг дел од првотимците, кои кај Милевски имаат статус на стартери.
Енис Барди, кој е еден од клучните играчи во селекцијата има само три настапи како стартер (еден гол), па тешко фаќа континуитет на мечеви за Трабзон. Уште во полоша сигуација е Езџјан Алиоски, кој во оваа 2023 година има севкупно 107 минути за Фенербахче и е без настап безмалку еден месец, што поради паузата во првенството после разорниот земјотрес во Турција, што поради фактот дека Жорге Жесус повеќе не смета на него.
Трет на листата е Бобан Николов, секогаш бескомпромисен и важна алка во составот, кој за романска ФЦСБ има само осум минути досега од петте меча откако почна вториот дел од сезоната.
Во оваа група е и Дарко Чурлинов, кој има статус на првотимец, кој пет меча не е во комбинација ама и пред тоа имаше само вкупно 90 минути во три меча од кои еднаш како стартер.
И првиот избор за нападот, Милан Ристовски нема дадено гол, а од три меча во Словачка, играше двапати и само еднаш како стартер.
До собирот на националниот тим има уште три недели за дел од фудбалерите да ја задржат добрата форма, тие што допрва почнаа како домашните играчи или Ристевски и Спировски во Ерменија, да фатат ритам, а останатите кои не играат или премалку играат да се изборат за минутажа во континуитет и максимално спремни да го дочекаат првиот предизвик во циклусот за Еуро 2024.
Малта е само еден предизвик, на хартија „најлесен“, но најмногу од сѐ, фудбалерите од комплетниот поширок список ќе мора многу повеќе да се изборат за тоа што допрва ќе следи, а тоа се јунските мечеви со Англија и Украина, во директни дуели во овој циклус во страшно тешката група, зашто секој бод ќе решава за да се остане барем конкурентен во групата и да не се крене бело знаме предвреме.
ФОРМАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ ВО ПРВИТЕ ДВА МЕСЕЦИ ОД 2023 ГОДИНА
ГОЛМАНИ
Столе Димитриевски (Рајо Ваљекано, Шпанија) – стандардно брани
Дамјан Шишковски (Докса, Кипар) – стандардно брани
Дејан Илиев (Хелсинки, Финска) – два настапи по доаѓањето во ХЈК неодамна
Кристијан Наумовски (Шкупи) – стандардно брани
Игор Алексовски (Работнички) – стандардно брани
ОДБРАНА
Дарко Велковски (Ал Етифак, Саудиска Арабија) – три од четирите меча ги одигра како стартер после враќањето од повредата во изминатиов месец
Висар Муслиу (Инглоштат, Германија) – стандарден во Инглштад (пет меча по 90 минути)
Езџјан Алиоски (Фенербахче, Турција) – вкупно 107 минути во три меча и без настап безмалку цел месец (не е повеќе во плановите на Жорге Жесус)
Тодор Тодоровски (Сумгаит, Азербејџан) – шест меча, шестпати стартер и еден гол
Стефан Ашковски (Ламиа, Грција) – четири меча (три како стартер) во 12 средби од почеток на годинава и еден гол (во Купот)
Ѓоко Зајков (У. Крајова, Романија) – три настапи како стартер на трите последни меча
Никола Серафимов (МОЛ Види, Унгарија) – само еден меч од петте во вторава полусезона
Кире Ристевски (Пјуник, Ерменија) – еден настап, само што почна ерменското првенство
Стефан Ристовски (Динамо Загреб, Хрватска) – стандарден за Динамо, два гола и асистенција во втората полусезона
Егзон Бејтулаи (Шкендија) – два меча, двапати стартер
Бојан Димовски (Академија Пандев) – еден настап во еден меч досега
СРЕДЕН РЕД
Аријан Адеми (Динамо Загреб, Хрватска) – два гола и асистенција во вториот дел од сезоната
Енис Барди (Трабзонспор, Турција) – само три меча од десетте во оваа 2023 година како стартер и еден гол
Агон Елзи (Вараждин, Хрватска) – стандарден првотимец, една асистенција, два меча е без настап поради црвен картон за прегруб старт
Јани Атанасов (Краковија, Полска) – четири од пет меча како стартер, две асистенции
Стефан Спировски (Пјуник, Ерменија) – еден меч како „резерва“, само што почна сезоната во Ерменија
Давид Бабунски (Мезекевешд, Унгарија) – шест настапи во шест меча, сите како резерва – еден гол и една асистенција!
Бобан Николов (ФЦСБ, Романија) – само осум минути од пет меча по рестартот на романската лига
Елиф Елмас (Наполи, Италија) – три гола од шесте сезонава, го игра секој меч, четирипати стартер, еднаш едно полувреме и воглавно помеѓу 20-30 минути на останатите мечеви
Тихомир Костадинов (Пјаст Гливице, Полска) – сѐ уште не е во комбинација поради тешката повреда
НАПАД
Милан Ристовски (Спартак Трнава, Словачка) – без гол, два настапи од можни три (еднаш стартер)
Бојан Миовски (Абердин, Шкотска) – прв центарфор, пет гола во новата година од 15-те во шкотскиот Премиершип
Александар Трајковски (Ал Фејха, Саудиска Арабија) – четири настапи на последните шест меча, два гола по ред во последните два меча
Валон Етеми (Истанбулспор, Турција) – нема настап од 5 февруари после прекинот на сезоната, четири гола и асистенција во седумте меча во новата година
Дарко Чурлинов (Барнли, Англија) – пет меча по ред не е во конкуренција (болест) и вкупно 90 минути во новата година на три меча (еднаш стартер) во 12 меча кои ги одигра Барнли
Доријан Бабунски (Дебрецин, Унгарија) – пет гола во пет првенствени мечеви, сите како стартер, а има и еден настап плус во Купот.
Љупче Дориев (Шкендија) – два настапи како резерва
Илија Несторовски (Удинезе, Италија) – 23 минути годинава во пет меча, и четири без настап поради принудна пауза за повреденМил