Николов херој на Вардар, Силекс го најде лекот за Струга!

Денешните два натпревари од 12:00 часот во Првата фудбалска лига донесоа минимални победи на екипите на Вардар и Силекс.

Вардар беше подобар противник од Арсими, но до трите бода не дојде така лесно. Актуелниот шампион славеше триумф со 1-0, а единствениот гол го постигна искусниот Бобан Николов.

Одлучувачкиот момент се случи по 20-тина минути игра кога Николов се запиша во листата на стрелци, само четири минути претходно и Матиќ ја погоди мрежата на Арсими, меѓутоа неговиот гол беше поништен по интервенција на ВАР поради недозволена позиција.

Во продолжение Вардар создаде и уште неколку одлични прилики за поубедлив триумф, но резултатот сепак не се промени. Арсими во вториот дел остана и со играч помалку по исклучувањето во 68-та минута над Арџент Гафури.

Вардар на табелата сега има 27 бода на четвртата позиција, Арсими, пак по ова коло ќе остане последнопласиран со ист број на бодови со Скопје.

Во вториот дуел победата на Силекс против Струга можеби е мало изненадување затоа што стружани во Кратово допатуваа во фантастична форма со седум победи во низа во сите натпреварувања и пет во првенството.

Сепак, денеска Силекс се израдува на трите бода, а херој на домашниот состав беше Донов кој погоди во 56-тата минута.

Силекс со трите бода ја прескокна Шкендија Арачиново и дојде до петтото место, а Струга ќе остане лидер со 32 бода, но тетовската Шкендија ќе има прилика со победа над Тиквеш денеска да ја намали разликата.