Кошмар за 15-кратниот шампион – од денеска е второлигаш!

Еден од најпознатите фудбалски клубови во Источна Европа, БАТЕ Борисов, доживеа тежок удар и следната сезона ќе се натпреварува во второлигашкото друштво во Белорусија. 

Петнаесеткратниот шампион на земјата не успеа да го обезбеди опстанокот, со што заврши една од најуспешните приказни во поновата историја на белорускиот фудбал.

На БАТЕ не му помогна ниту ремито од 1-1 против Ислоч во последното коло од првенството. Со освоени 25 бода, клубот ја заврши сезоната на 15. место на табелата и го загуби статусот на прволигаш. Пред него се најдоа Белшина и Арсенал, кои успеаја да обезбедат подобар пласман.

Падот на некогашниот гигант е особено изненадувачки ако се погледне неговата историја. БАТЕ Борисов во периодот од 2006 до 2018 година освои дури 13 последователни шампионски титули, воспоставувајќи доминација каква што ретко се гледа во европскиот фудбал.

Клубот остави трага и на меѓународната сцена, каде што редовно настапуваше во групните фази на Лигата на шампионите и Лигата на Европа. Неговите победи против Баерн Минхен, Рома и Арсенал и денес се паметат како едни од најголемите моменти во историјата на белорускиот фудбал.

Сепак, последните години донесоа резултатски пад, организациски проблеми и сè послаб играчки кадар. Некогашниот страв и трепет за противниците постепено се претвори во клуб од долниот дел на табелата, а оваа сезона падот доби и официјална потврда.