Елмас: За клупата се шегував, не сум контроверзен и - среќен сум во Наполи!

Македонскиот „дијамант“ Елиф Елмас синоќа четврти пат беше стартер за Наполи, трет во Серија А и го даде вториот гол за да го однесе лидерот до нова победа во Калчото во трката за „скудетото“ и да покаже дека секојпат на него Лучано Спалети може сериозно да смета.

Спалети од стартот на сезоната го гледа Елмас како резерва, најчесто за Квича Кварацхелија, кој поради повреда вчера не играше во Берамо со Аталаната (1-2), па Елмас максимално ја искористи довербата и порача дека без оглед на сè и тешкиот период со мала минутажа секојпат дава сто отсто од себе за Наполи, чиј член е веќе четврта сезона.

Елмас пред неполн месец се најде во фокусот со една шега, „мојата прва љубов – клупата“, која крена прашина и многумина ја протолкуваа како незадоволство и напад кон Спалети, за што Наполи демантираше потенцирајќи дека е шега, а сега првпат за тоа прозборе и македонскиот репрезентативец.

„Квича е голем човек и уште кога дојде јас се обидувам да му помогнам. Игра одчично и многу сум среќен за него. Тоа со клупата беше само една шега. Не сум јас човек кој сака и бара контроверзи. Секојпат кажувам дека среќен сум што сум во Наполи, дури и кога сум резерва. Најсреќен сум кога Наполи победува“, вели Елмас.

Минатата сезона Елмас одигра преку 2.000 минути за Наполи и имаше скор од седум гола и пет асистенции во сите натпреварувања. Сезонава е на два гола досега.