Вајли: Горд сум на нашето издание против репрезентација како Романија

Џејкоб Вајли и трет натпревар по ред беше најдобар играч во македонската репрезентација.

Оствари дабл дабл, но ни тоа не беше доволно за триумф против Романија, па по три одиграни натпревари, Македонија има биланс 0/3. И покрај третиот пораз, Вајли е задоволен од изданието на нашата селекција на вечерашниот меч.

„Сите во репрезентацијата работеа навистина напорно на подготовките и јас сум благодарен за времето што го поминав овде. Имаме млади кошаркари, екипа која е во создавање и горд сум на нашето издание против репрезентација како Романија која има искусни играчи и одличен селектор. Не се откажавме во ниеден момент, верувавме во победа и сите заслужуваат честитки за тоа.

Натпреварот заврши како што требаше, Романија заслужи да победи бидејќи ние направивме многу грешки. Не е оправдание, но како што кажав, нашите кошаркари се млади, уште учат и собираат искуство. Во споредба со претходниот натпревар, бевме многу подобри, тогаш загубивме со 40 разлика, а сега до крајот бевме во игра за победа, се доближивме на еден посед и можевме да дојдеме до победата. За мене тоа е голем чекор напред“, рече Вајли.