Тодоров реши: Без двајца повредени, а со нов Американец и со Трајковски пред турнирот во Талин!

Селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија, Александар Тодоров, го искористи максималниот рок за објавување на поширокиот список играчи од кои ќе дојде до тимот со кој ќе настапи на претстојните две средби против Италија (28 ноември) и Естонија (30 ноември) на квалификацискиот турнир во Талин, а на кој нема четворица од составот кој настапи во февруари.

Жолто-црвените ги загубија првите две квалификациски средби и тоа во пресметките со Естонците на домашен и против Русија на гостински терен, од кои овој пат ќе ги нема Андреј Маслинко и Бојан Крстевски поради повреди, како и Андреј Јакимовски и Шејн Витингтон поради тоа што настапуваат во САД и во Јапонија. На нивно место се најдоа повеќе млади кошаркари од домашното првенство, како и Џејкоб Вајли, кошаркар на Гран Канарија, кој деновиве официјално го доби македонскиот пасош.

„Беше тешко да се состави список, посебно што не знаеме каква ќе биде ситуацијата после задолжителните тестирања. Затоа се договоривме да одиме со што е можно повеќе имиња од домашното првенство, за да во случај на поголем број позитивни случаи, да можеме да собереме доволен број играчи за непречен тренажен процес. Ги нема играчите кои поради повреди ќе мораат да го прескокнат овој прозорец, како и дел од помладите играчи кои настапуваат во странство. Од натурализираните играчи, изборот мораше да падне на Вајли, заради тоа што Витингтон е во Јапонија, каде што има задолжителен карантин за сите кои се враќаат од Европа. Од друга страна, Аскиа Букер, заради истите причини, не можеше да ја напушти Кина да дојде до Скопје да ја заврши процедурата околу пасошот“, го појаснува својот избор селекторот Тодоров

Во однос на февруарските квалификации, на списокот на Тодоров е крилниот центар на Пелистер, Бојан Трајковски, кој не беше дел од националната селекција во првите два дуели. Меѓу кандидатите, секако, е и најдобриот македонски кошаркар за 2019 година, Ненад Димитријевиќ, кој има Ковид-19 и кој е во задолжителен карантин до 20 ноември.

Според планираните активности, прво на ред е задолжителното ПЦР тестирање од корона вирус, а од 20. ноември и првиот тренинг.

„Утре ќе ги направиме првите тестови, а со тренинзи ќе почнеме на 20. ноември. Односно по враќање и по тестирање на играчите кои настапуваат во балонот на АБА2 лигата“- дополбнува Тодоров.

ПОШИРОК СПИСОК НА МАКЕДОНИЈА

1. Филип Бакоч (МЗТ Скопје Аеродром)

2. Ненад Димитријевиќ (Хувентуд-Шпанија)

3. Виктор Ефремовски (Работнички)

4. Стојан Ѓуроски (ХЛА Аликанте – Шпанија)

5. Ренато Димитриевски (Гостивар)

6. Андреј Андоноски (МЗТ Скопје Уни Банка)

7. Андреј Магдевски (МЗТ Скопје Аеродром)

8. Леонид Тодоровски (МЗТ Скопје Уни Банка)

9. Адем Мекиќ (МЗТ Скопје Аеродром)

10. Никола Караколев (Еуро Никел 2005)

11. Андреј Митревски (ТФТ)

12. Љубомир Младеновски (Работнички)

13. Кристијан Николов (МЗТ Скопје Аеродром)

14. Кирил Николовски (Работнички)

15. Дамјан Робев (Куманово)

16. Лука Савиќевиќ (МЗТ Скопје Уни Банка)

17. Марјан Младеновиќ (Работнички)

18. Марко Симоновски (Кожув)

19. Бобан Стајиќ (Пелистер)

20. Дамјан Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром)

21. Војдан Стојановски (Гравелин-Данкерк-Франција)

22. Бојан Трајковски (Пелистер)

23. Јетмир Зекири (Пелистер)

24. Џејкоб Вајли (Гран Канарија-Шпанија)