Скандал на Светското јуниорско првенство: Јордан не излезе на терен против Израел

Јуниорската репрезентација на Јордан не се појави на теренот да игра против Израел на У19 Светското првенство, кое се одржува во Лозана.

Натпреварот требаше да се одржи вчера, во рамките на второто коло од Мундијалот, но беше регистриран со резултат 20-0 во корист на Израел. Јорданците се одлучија на таков чекор поради настаните во Газа, каде што Израел, како што велат, врши геноцид врз Палестинците.

„Во име на Израелската кошаркарска федерација, изразувам жалење за таквата одлука, бидејќи верувам дека спортот не е политичка арена, туку мост меѓу различните култури и нации. Уверен сум дека во иднина нема да има повеќе пречки за играње вакви натпревари“, рече претседателот на Кошаркарска федерација на Израел, Амос Фришман.

Јордан не доби бод за поразот поради бојкотирање на натпреварот. Двете селекции претходно ги одиграа своите први натпревари на Светското првенство. Израел ја победи Швајцарија со 102-77, додека Јордан загуби од Доминиканска Република со 69-79.