Шлаг на тортата: Кадетите со четврта победа по ред најавија борба за влез во елитното ЕП!

Македонската кадетска репрезентација дојде до четвртата победа по ред на Европското првенство (ЕП, дивизија Б, во Сараево, откако денеска, во релативно неважен меч, ја совладаа Норвешка со 86-70.

Пеколното второ полувреме одново беше главната причина за триумфот на жолто-црвените, кои вторите 20 минути од средбата ги добија со 16 поени разлика (48-32), што беше и тоа како доволно за триумф по изедначениот прв дел. Селекторот Александар Јованчев и пкрај можноста, сепак, не калкулираше премногу со минутажата на своите главни адути, кои му вратија со уште еден одличен настап.

Андреј Андоновски со 21 поен и девет скока и Марко Миловановиќ со 20 поени и 11 скока беа убедливо најдобри во нашиот состав, додека Лука Савичевиќ постигна 12, а Гоце Петрушевски 10 поени.

Утре е слободен ден, а наш противник во задутрешното четвртфинале речиси сигурно ќе биде Романија.