Пресметките на кошаркарите во Талин ќе се пренесуваат на – македонска телевизија!

Натпреварите на македонската репрезентација на претквалификацискиот олимписки турнир во Талин (12-15 август) ќе бидат достапни за гледање на целата спортска јавност, откако луѓето од телевизијата Канал 5 денеска објавија дека ги откупиле правата за преноси од естонската престолнина.

Ова значи враќање на националната кошаркарска гордост на некоја од македонските телевизии, со оглед што изминативе години мечевите на жолто-црвените моравме да ги следиме на регионалната телевизија Спортклуб и тоа најчесто со коментар на српски или хрватски јазик. Овој пат, дуелите на избраниците на селекторот Александар Јончевски против Израел (утре од 18 часот), Естонија (задутре) и против Чешка (вторник) ќе може да се следат со помош на македонски коментатор, што ќе значи отсуство на „кршење на јазикот“ на новинарите од Србија односно Хрватска при изговорот на презимињата на нашите кошаркари.

Пресметките во Талин се прва фаза од овој претквалификациски олимписки турнир, во која Македонија брка едно од првите две позиции кои носат место во полуфиналната фаза, каде што ќе вкрстиме со најдобрите од групата во Гљивице во која се Полска, БиХ, Унгарија и Португалија. Пласман во квалификациите за ЛОИ 2024 ќе обезбеди само најдобрата од овие осум репрезентации.