Мајами си ја суспендира најголемата ѕвезда – била штетна за тимот!

Челниците на Мајами Хит објавија дека нивната најголемаѕвезда, Џими Батлер, е суспендиран на седум натпревари, што е помалку изненадувачки со оглед што тимот води голема борба за што подобар пласман пред плејофот.

Причина за ваквата одлука на „жешките“ е неговото недолично однесување кое негативно влијаело на тимот.

„Го суспендиравме Батлер на седум натпревари поради низата однесувања кои беа штетни за тимот во текот на сезоната, особено во последните неколку недели,“ соопшти франшизата од Флорида.

Клубот исто така објави дека размислува за можноста Батлер да биде разменет во друг тим, што тој самиот го потврди како своја желба.

„Сакам повторно да ја пронајдам радоста во играњето кошарка. Каде и да биде тоа, ќе дознаеме наскоро. Среќен сум надвор од теренот, но сакам повторно да бидам доминантен, да играм и да му помагам на тимот да победува. Во моментов тоа не го правам“, изјави Батлер.

Меѓу заинтересираните тимови за Батлер се споменува Денвер Нагетс, кој бара поддршка за Никола Јокиќ во обидот да го освои вториот шампионски прстен.