Перо Антиќ позираше со новиот македонски селектор?! (ФОТО)

Македонската репрезентација во моментов е без селектор, откако раководството на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) денеска и официјално потврди заминувањето на Јорданчо Давитков кому му заврши договорот, а ако се суди според најавите на челниците од Куќата на кошарката, неговиот наследник веќе е познат.

Станува збор за скопјанецот Октај Махмути, поранешен кошаркар на чаирска Слога, кој богатата тренерска кариера ја почна во Анадолу Ефес во 1992 година, по што работеше во Бенетон, Дарушафака и во Галатасарај. Тој веќе одамна е прв фаворит за селекторската фотеља, нешто што денеска прво меѓу редови беше потврдено од претседателот Перо Антиќ, а вечерва и „запечатено“ со нивна заедничка фотографија објавена на Инстаграм заедно со македонското знаме.

Махмути беше селекторска желба и на претходните две раководства на КФСМ, но не успеаја да го „примораат“ да ја напушти клупската и да се впушти во репрезентативни води, нешто што сега е сосема реално бидејќи е без ангажман. Тој има четири титули во шампионатот на Турција, а во 2009 година беше прогласен за најдобар тренер во Еврокупот кога работеше во Бенетон.

Тој викендов ќе биде еден од двајцата најзвучни предавачи на тренерскиот семинар на КФСМ, заедно со прославениот српски стратег, Душан Ивковиќ.