Македонија со повредени плејмејкери и неколкумина болни го очекува дуелот со Естонија!

Кошаркарската репрезентација на Македонија се соочува со проблеми во пресрет на утрешниот прв натпревар од квалификациите за ЕП 2021 против Естонија (20.15 часот), откако селекторот Александар Тодоров денеска објави дека двајцата плејмејкери имале проблеми со повреди, а неколкумина во составот „настрадале“ од вироза и настинка.

Тоа е причината што новиот предводник на националниот тим сѐ уште не може да го објави тимот со кој ќе се обиде победнички да го почне патот кон континенталниот собир.

„Влегуваме во последните 36 часа пред првиот квалификациски меч. Одработивме квалитетен циклус, кој ме прави задоволен, особено што речиси на сите тренинзи бевме комплетни. Успеавме нешто да организираме, тоа што сакаме да биде наш стил на игра со оваа, таканаречена нова репрезентација. Но, не е сѐ без проблеми бидејќи неколкумина се разболеа, а имавме пех и на синоќешниот тренинг на кој останавме без двајцата плејмејкери, кои полесно се повредија. Но, се надевам дека сѐ ќе биде во ред. Како и да е, ова е многу подобра позиција во однос на противникот, кој подоцна се собра, а згора на тоа мораше и да патува до Скопје“, изјави Тодоров.

Повредени се Ненад Димитријевиќ и Андреј Магдевски, кои, сепак, најавиле дека ќе стиснат заби и ќе се појават на вечерашниот тренинг по што ќе биде донесена одлука околу конечните 12 кои ќе им се спротивстават на Естонците.

„Не постои голема разлика на паркетот помеѓу искусните и младите во тимот, особено двајцата дебитанти кои првпат се во сениорскиот тим. Планирав Андреј Јакимовски да биде во составот, но тој е еден од најпогодените со вирозата поради што не знам дали ќе може да помогне. А, во Русија сигурно ќе биде така, ако ќе може да патува. Димитријевиќ, пак, апсолутно ги оправдува моите очекувања, иако и тој е еден со малите проблеми, иако ми кажа дека ќе стори сѐ за да се појави на паркетот“, дополни Тодоров.

Македонија веднаш по средбата ќе тргне кон Софија, а оттаму кон Москва и Перм каде што в недела ќе ѝ гостува на Русија.