Од 49 гола за пионерите до гол на дебито за сениорите: Раѓа ли Вардар нова ѕвезда во Огнен Јаков?

Црвено-црните денеска го одиграа првиот подготвителен натпревар во Италија, со 2-1 ја победија аматерската екипа на Умбрија, а ова беше посебен ден за младиот напаѓач, Огнен Јаков.

Јаков нема ни 16 години, тој имаше неверојатна сезона за помладите пионери на Вардар во која постигна 41 гол во првенството и уште осум во Купот. Три од осумте голови во Купот на Македонија ги даде во финалето против Пелистер, му го донесе трофејот на својот тим и го привлече вниманието на себе.

Вардар и новиот аргентински тренер Фабијани го повикаа на подготовките со првиот тим во Италија, а Јаков иако е толку млад веднаш се истакна со гол.

Денеска црвено-црните играа против аматерски тим од Италија, тренерот Фабијани им даде шанса на помладите, Јаков беше стартер на мечот и по само четири минути ја затресе мрежата на противникот постигнувајќи го својот прв гол во сениорска конкуренција.

Огнен Јаков имаше деби од соништата во првиот тим на Вардар, а ако по утрото се познава денот, црвено-црните имаат дијамант во своите редови кој допрва ќе блеска на македонското фудбалско небо.