Њујорк по 53 години пак е НБА шампион – сега по „само“ минус 16 го освои Тексас (ВИДЕО)

Кошаркарите на Њујорк Никс како гости го совладаа Сан Антонио Спарс (94-90) во петтиот натпревар од финалната серија и со четвртата победа стигнаа до шампионската титула, прва по далечната 1973 година.

За Никс ова е трета титула во клупската историја, со што беше ставен крај на долгото чекање. Клучниот момент се случи на 8,8 секунди до крајот, кога Сан Антонио имаше напад за израмнување. Играчите на тимот од „Големото јаболко“ направија фаул над Дилан Харпер, кој ги промаши двете слободни фрлања, по што Оу-Џи Ануноби ја фати топката и изнуди нов фаул на седум секунди пред крајот. Тој го промаши првото, а го реализираше второто слободно фрлање. Спарс потоа не успеаја да поентираат бидејќи Виктор Вембанјама промаши шут за три поени, по што почна големото славје на Никс.

Апсолутен херој на триумфот беше Џејлен Брансон, кој постигна дури 45 поени за 41 минута помината на паркетот. Никс и овојпат мораа да бркаат негатива, бидејќи тимот од Тексас во еден момент имаше предност од „само“ 16 поени (31-15), што беше далеку помала цел за достигнување по таа на претходната средба на која се вратија по минус од дури 29 поени. Спарс во третата четвртина повторно се одлепија и поведоа со 70-55, а предноста ја одржуваа сè до резултатот 83-73.

Тогаш следуваше голема серија на Никс од 15-2, со која направија пресврт и поведоа со 88-85. Спарс успеаја да израмнат на 88-88, но Ануноби во клучните моменти ги врати Њујорчани во водство и го трасираше патот кон конечните 94-90 и шампионскиот прстен. Покрај Брансон, Микал Бриџис натпреварот го заврши со 14 поени, додека Џош Харт забележа 13 поени и 11 скока. Кај Спарс најефикасен беше Харпер со 25 поени, додека Вембанјама постигна 19 поени и додаде 14 скока.