Кошаркарите првпат во историјата ќе играат во дресови со Северна Македонија (ФОТО)

Македонската кошаркарска репрезентација, утре, против Италија (15.30 часот), ќе го почне настапот на квалификацискиот турнир во Перм за пласман на ЕП 2022, меч кој дефинитивно ќе влезе во историјата како прв на кој сениорската национална селекција ќе настапи со дресови на кои ќе го пишува новото име на државата – Северна Македонија.

Досега, најдобриот државен кошаркарски тим настапуваше со знаме на дресот, како своевиден компромис за да не стои непопуларниот акроним на нашата држава – ФИРОМ. Тоа беше пракса која Македонија ја користеше повеќе од две децении, од моментот кога Грција стави вето на нашето играње под тогашното уставно име, кое беше испишано на дресовите во првите години по осамостојувањето.

Без име на дресот игравме и по јануари 2019 година, кога официјално беше додадена придавката Северна на името на нашата држава и тоа три меча - против Романија, Естонија и Русија. Знамето продолжи да стои на дресот на кошаркарите, со цел да не се додава „масло во оганот“ во ионака поларизираната јавност, каде што имаше и сè уште има одреден отпор кон новото уставно име. Дури и под раководство на Перо Антиќ, минатиот февруари, избраниците на селекторот Александар Тодоров во поразите од Естонија (дома) и Русија (гости) играа во дресови на кои не стоеше името. А, ако има(ло) некој притисок и реакција од ФИБА, тогаш тие би постоеле и лани, нешто на што не бевме сведоци.

Прашање е зошто токму сега, на најважниот турнир во македонската кошарка во последната деценија, се прави ваква промена на традицијата и од истите дресови од лани (се мисли на моделот) драстично се намалува знамето и се додава името Северна Македонија. За овој потег на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) дефинитивно ќе има реакции во јавноста, поради што постои опасност за нарушување на фокусот од спортскиот дел на нешто сосема друго, знаејќи дека сме држава во која постои поделеност речиси по сите можни прашања. А, прашањето со името за многумина е ептен чувствително, поради што на Антиќ и остатаните од Куќата на кошарката ќе им биде тешко да објаснат зошто токму сега мораше да го направат ова и тоа во најважниот момент за кошаркарите, кои се обидуваат да нè вратат во европската елита.

Дресовите со името Северна Македонија испечатено на нив со големи букви беа користени за официјалната фотосесија пред стартот на утрешниот турнир. Тоа, сепак, остава можеби мал простор дека ќе дојде до промена на ставот, па кошаркарите на мечот против Италија, но и на останатите три кои треба да ги играме во Перм, ќе играат во ланската опрема на која ќе стои македонското знаме.

Секако, мора да се напомене дека преклани неколку младински селекции настапија со името Северна Македонија на дресовите, но ова е првпат такво нешто да се случи во најсилниот тим, кој дефинитивно и привлекува најголемо внимание во јавноста.