Кошаркарите против Словачка ќе играат пред публика - вакцината не е задолжителна!

Кошаркарската федерација денеска информираше дека вториот натпревар од преквалификацискиот турнир во Скопје против Словачка, што е закажан за утре од 19 часот во „Јане Сандански“ ќе биде отворен за навивачите. 

Вчера кошаркарите играа пред празни трибини и загубија од Швајцарија со 62-67. Очигледно е дека на нашите момци им е потребна подршка од трибините, што ќе ја добијат утре. 

Согласно добиените препораки на државните и здравствените институции, капацитетот на салата во СЦ„ Јане Сандански“ ќе биде ограничен на 30%, што значи дека на трибините може да има најмногу 2.000 навивачи. Она што е исто така многу важно влезот ќе биде слободен.

„Секој присутен гледач во салата ќе мора да има заштитна маска, да држи пропишано растојание помеѓу седиштата од каде ќе го следи натпреварот Македонија-Словачка“, велат од кошаркарската федерација. 

Вакцината не важи за влез на натпреварот, што значи дека секој може да дојде да навива за Македонија, но со почитување на мерките за заштита од Ковид-19.