Кошаркарите ќе играат против „фудбалери“ и „скијачи“ во претквалификациите за СП 2027!

Синоќешниот (пре)убедлив пораз на гостувањето кај Естонија (65-84) за кошаркарската репрезентација на Македонија значеше крај на надежите за пласман на ЕП 2025 и враќање во т.н. дивизија Б – играњето претквалификации за СП 2027.

Жолто-црвените веќе знаат осум потенцијални ривали во овој деветти круг од европскиот кошаркарски пекол, а по понеделничките средби ќе се дознаат имињата и на преостанатите четири. Можните ривали се третокласни, со исклучот на Хрватска, која според рејтингот делува залутано во ова друштво на фудбалски односно скијачки репрезентации како што се Австрија, Швајцарија, Данска и Холандија, меѓу кои се уште и Словачка и Украина.

Овие 12 репрезентации ќе бидат распоредени во четири групи со по три тима, a во секоја од нив ќе има по еден тим од првиот круг на претквалификациите и два кои отпаднаа од квалификациите за ЕП 2025. Првите две селекции од секоја група ќе се пласираат во главните квалификации за Мундобаскетот, каде ќе се приклучат кон останатите репрезентации.

Претквалификациите стартуваат во летото 2025 година, а патот до квалификациите за СП 2027 ќе биде долг и тежок.