Конечно (скоро) полни трибини на кошаркарски меч во Македонија (ФОТО)

Македонската кошаркарска репрезентација ќе има повеќе од солидна поддршка на вечерашниот прв квалификациски дуел за ЕП 2021 против Естонија, откако на трибините во салата „Борис Трајковски“ се најдоа речиси 5.000 гледачи.

Ова е убедливо најголем број спортски вљубеници на еден кошаркарски натпревар во изминативе неколку години, а дефинитивно најголем „ветер в грб“ за репрезентативците со оглед што последните натпревари ги играа пред далеку помалку навивачи. Една од причините за зголемениот интерес е и фактот што средствата собрани од продажбата на билетите ќе бидат дадени во хуманитарни цели.

Енергијата од трибините дефинитивно ќе донесе дополнителен мотив за избраниците на селекторот Александар Тодоров, кои пред себе имаат исклучително важен дуел против селекција која им е најголем ривал на патот кон враќање во европската елита.

Вториот меч од нашата група се игра исто така вечерва, во кој Италија ја пречекува Русија.