КФМ „купи“ нови двајца Американци – бек-снајпер и крилен центар од Евролигата!
Станува збор за американскиот крилени центар Нејт Сестина (28 год, 206 см), кој настапува за екипата на Армани Милано, како и неговиот сонародник, Омари Мур (256 год, 198 см), кој го носи дресот на Валенсија. Двајцата ќе бидат во комбинација за настап веќе на претстојните средби од претквалификациите за ЕП 2029 против Азербејџан (дома) и Ирска (гости) закажани за 27 односно 30 ноември. Според КФМ, во игра за едното место за натурализиран кошаркар ќе биде и Џејкоб Вајли, нашиот најдобар поединец во августовскиот циклус претквалификации за СП 2027, кои за нас завршија – катастрофално.
Сестина европската кариера ја почна пред четири години во дресот на Хапоел Холон (Израел), по што мина три сезони во Турција во исто толку различни тима – Беледеси, Турк Телеком и Фенербахче. Минатата сезона беше дел од Валенсија, а летово направи трансфер меѓу „манекените“ од Милано. Мур, пак, по завршувањето на универзитетската кариера прво се проба во американската Џи-лига, потоа и во канадската елита, пред лани да ја почне европската авантура во дресот на турска Дарушафака. Добрите игри летово му донесоа трансфер на европска сцена во Валенсија. Негово најсилно оружје е прецизниот шут и секаде каде што играл бил меѓу најефикасните.
Македонија во моментов се наоѓа буквално на самото дно од европската кошарка, од каде што патот до површината е екстремно тежок, поради што „купувањето“ свежа крв не може да донесе ништо лошо. Проблемот е што од сите овие натурализирани кошаркари, меѓу кои се уште активни се и Ти-Џеј Шортс и Итан Хап, само еден може да биде во ростерот за официјалните средби. Тоа значи дека повторно ќе зависиме од домашниот кадар, кој воопшто не се прослави на августовските средби.