Македонија во Кардиф ќе има судија кој ѝ носи среќа – ни го „отвори“ патот кон ЕП 2021!

Македонската фудбалска репрезентација вечерва, на гости кај Велс (20.45 часот), го игра клучниот меч за пласман на второто место во квалификациската група, кое ќе ни донесе релативно полесни противници во баражот за СП 2026, во меч во кој ќе има судија кој ѝ носи – среќа.

Станува збор за еден од најдобрите делители на правдата во светот, Холанѓанецот Дани Мекеле, кој нема да има лесна задача со оглед на важноста на натпреварот за двете селекции. Влогот е огромен, а избраниците на селекторот Благоја Милевски се надеваат на идентичен епилог како на една од претходните средби на кои ни ја делел правдата. Тој беше на центарот на еден од најважните мечеви за жолто-црвените во историјата, дуелот во Скопје против Косово (2-1) во полуфиналето од баражот за пласман на ЕП 202а. Буквално никој во нашиот табор нема ништо против вака да биде крајниот епилог и на вечерашниот меч во Кардиф.

Тој ја делел правдата уште еднаш во Скопје и тоа во поразот од Германија (0-4), а ѝ судел на Шкендија на гостувањето кај Карабаг во годинешните квалификации за ЛШ. Познат е и по големите грешки како што е непризнаениот гол на Роналдо во дуелот со Србија, за што потоа се јавно се извини, како и по сомнителниот пенал за Англија во полуфиналето на ЕП 2021 против Данска во 103. минута од средбата.

Македонија и Велс во моментов имаат по 13 бодови, два помалку од лидерот Белгија, која игра дома против Лихтенштајн. На нашите момци им одговара и нерешен резултат за да бидат втори на табелата, што носи подобри ривали во баражот за СП.