КФМ ќе ја „провери“ здравствената состојба на Димитријевиќ, па ќе реши дали ќе игра во Талин!

Веста дека Ненад Димитријевиќ не е на списокот од 12 играчи на кои селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Тодоров, делуваше изненадувачки за поголемиот дел од спортската јавност, со оглед што кошаркарот на Хувентуд требаше да биде нашиот главен адут за пресметките со Италија (28 ноември) и Естонија (30 ноември) кои ќе се играат во „балонот“ во Талин.

Дополнување за целата мистична ситуација беше и молкот од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), од каде што не дојде никакво објаснување зошто популарниот Нено нема да игра во естонската престолнина, па јавноста почна само да шпекулира. Дури денеска, спортскиот директор Тодор Гечевски излезе со став поврзан со „случајот Димитријевиќ“, за кого од претходно се знаеше дека беше позитивен на Ковид-19 и дека пред три дена му заврши задолжителната изолација.

„Сакам да појаснам некои работи поврзани со наводен случај кој се создава во нашата кошаркарска јавност, поврзан со Димитријевиќ. Тој дојде во Скопје и денеска разговарав со него, за ситуацијата во која се најде откако поради коронавирусот во изминатиот период не беше во состојба да ги извршува своите професионални обврски. Пред сè, за нас, а и за сите други, најважно е неговото здравје. Ќе видиме дали и колку во овој момент Ненад е подготвен да одговори на барањата кои со себе ги носи еден турнирски-систем на натпреварување како овој што следува во Талин. Друг непознат момент е што во рок од четири дена, според протоколот на ФИБА, тој мора да има два негативни теста од Ковид-19. Затоа, кога ќе ја имаме неговата комплетна здравствена слика, ќе знаеме кои ќе бидат следните чекори“, вели Гечевски.

Веројатно е дека многу работи ќе бидат познати во рок од 24 часа, односно откако Димитријевиќ ќе ги помине оние детални здравствени прегледи. Во меѓувреме, репрезентацијата денеска минува 16-часовно патешествие на пат кон Талин и тоа преку Софија и Франкфурт.