Димитриевиќ: Ова беше прекрасна сезона за мене, им благодарам на сите за довербата!

Македонскиот репрезентативец Ненад Димитриевиќ со МВП награда за најкорисен во плејофот на ВТБ-лигата и меч на кариерата со 34 поени, го одведе Уникс Казан до прва шампионска титула во Русија, како круна на извонредната сезона.

Димитриевиќ вечерва беше незадржлив за Локомотив Кубан, па даде третина од поените на својот тим за тирумфот со 98-89 и по мечот посочи дека со атмосферата која ги понела него и соиграчите не можеле, а да не победат во петтиот меч за конечни 4-1.

„Јас им благодарам на сите за вербата во мене, од тренерите, клубот, соиграчите. Ова беше прекрасна сезона за мене и моето семејство во Казан. Без нив немаше да бидам ни МВП. Овој петти меч, не можеше да не го добиеме после ваква атмосфера. Локомотив добро се бореше, имаат одличен тим, ни направија многу проблеми, се бореа до крај во секој од петте меча. Но, ние сме за нијанса подобри и заслужено сме шампиони“, рече Димитриевиќ.