Давитков: Победата во Приштина е ептен слатка и ветува - многу!

Кошаркарите на Македонија дојдоа до злато вредна победа во обидот да се вратат во европската елита и тоа на жешкиот терен во Приштина против Косово, меч по кој селекторот Јорданчо Давитков разбирливо, беше задоволен и расположен.

„Одигравме добар натпревар, ообено за овој период од годината. Го контролиравме од прва до последна минута. Бевме солидни во одбраната, освен што Бериша излегуваше од контрола и даваше чудни шутеви. Косово имаше голема поддршка од публиката и од други фактори, но мислам дека заслужено дојдовме до триумф. Бевме борбени, иако е факт дека играчите не се подготвени за вакви натпревари. Не сакаме како лани да одлучуваат други за нас, туку да ја држиме контролата во наши раце. Не размислувавме за одмазда, а победата е слатка. Иако во финишот работите неочекувано излегоа од контрола и имаше интересна завршница. Сега, за нас следи Романија, против која ако победиме ќе бидеме многу блиску до наредната фаза“, изјави Давитков.

Дуелот со Романија ќе го одиграме в недела во „Борис Трајковски“ со почеток во 18.15 часот.