Давитков експресно најде нова работа – седна на клупата на Таргу Џиу!

Поранешниот селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Јорданчо Давитков, од денеска е нов тренер на романскиот прволигаш Таргу Џиу.

Првичниот договор е до крајот на сезоната, со опција истиот да биде продолжен и за следното првенство. Целта на Таргу е да се избегне борбата за опстанок во елитата, но истовремено и да се постави основа на тим кој веќе од следната сезона би се борел дури и за шампионската титула.

„Го поздравуваме и му посакуваме успех на нашиот нов тренер, Јорданчо Давитков. Ангажиравме стручњак со импресивна биографија, кој остварувал успеси каде и да работел и како тренер и како играч. Пресреќни сме што можеме неговото огромно искуство да го искористиме во нашиот клуб. Сигурен сум дека сите во Таргу ќе научат многу работи од новиот тренер и дека ќе извадиме максимум од соработката со него“, изјави Адриан Росу, координаторот на кошаркарската секција на Таргу Џиу.

Давитков на почетокот од годинава потпиша за косовски Пеќ каде што остана неколку месеци, по што го раскина договорот откако не доби можност да работи со тим кадарен да атакува на шампионската титула. Претходно, тој десетина години работеше на Блискиот Исток и тоа во клубови од Кувајт и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), а извесен период беше и селектор на кувајтската репрезентација. Во Македонија има работено како предводник на Никол Ферт, Струмица, Балкан Стил и Работнички.

Неговиот ангажман воедно ќе донесе и потенцијално селекторско дерби во Романија, каде што работи и актуелниот предводник на македонскиот национален тим, Александар Тодоров, кој седи на клупата на Крајова.