Згасна тимот на Перо Антиќ, Чековски, Стефанов, кој беше предводен од Докузовски!

Најтрофејниот бугарски клуб со 14 шампионски титули и девет пехари во Купот повеќе не постои, откако денеска официјално го објави своето згаснување преку социјалните мрежи.

Станува збор за тимот на Академик Софија, кој пред неколку години остана без главниот спонзор Лукоил. Во тоа време беше најдоминантен во кошарката на нашиот источен сосед, а имаше и забележителни настапи и во Еврокупот на УЛЕБ, како и во Лигата на шампионите на ФИБА. Оваа екипа е добро позната и во македонската кошарка со оглед што голем број наши играчи и тренери беа дел од неа.

Секако, најпознат Македонец во дресот на сега згаснатиот ПБС Академик, а поранешен Лукоил Академик, е актуелниот претседател на КФМ, Перо Антиќ, а дресот на софискиот прволигаш го носеа уште и Ѓорѓи Чековски, Ристе Стефанов и Дамјан Стојановски. Во времето кога се жееја трофеи дел од овој тим беше и поранешниот македонски селектор Марин Докузовски, кој прво беше помошник на Тити Папазов, а потоа и прв тренер на клубот.

Како главна причина за распад на најтрофејниот бугарски кошаркарски колектив се означува кризата поради пандемијата со коронавирусот.