Тупурковски пред точно 37 години му го „нанесе“ најтешкиот пораз на Дражен Петровиќ (ВИДЕО)

На денешен ден во 1983 година, екстремно младиот состав на Шибенка славеше победа во мајсторката од плејоф-финалето против Босна (83-82) со што дојде до шампионскиот трофеј во поранешна СФР Југославија, прв во потоа богатата кариера на тогаш голобрадото момче, а потоа легенда на европската кошарка, Дражен Петровиќ.

Но, веќе следниот ден, натпреварот е поништен поради наводна судиска грешка, по што беше наложено третиот финален дуел да се преигра и тоа на неутрален терен во Нови Сад. Шибенчани одбија да отпатуваат на оваа средба, сметајќи дека тие се валидни шампиони, а не ги ни вратија златни медали добиени по еуфоричната завршница на 9 април пред 37 години во легендарниот „Балдекин“.

Еден од главните протагонисти во целата приказна е и актуелниот прв човек на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Васил Тупурковски, кој во тоа време беше претседател на Кошаркарскиот сојуз на Југославија (КСЈ). Популарниот Циле прво им ги додели медалите на кошаркарите на Шибенка, за 24 часа подоцна да потклекне пред притисоците на босанските политичари и заедно со останатите од раководството реши да го поништи мечот.

Дражен овој потег го доживуваше како најголем пораз во својата кариера, бидејќи сметаше дека не направил ништо лошо за да остане без титулата.

„Тоа беше неверојатен меч. Дражен немаше ниту 18 години, а беше лидер на југословенскиот шампион. Премногу му се радуваше на тој медал и беше неверојатно разочаран кога му кажаа дека средбата е поништена. Можам да ви кажам дека Тупурковски беше еден од најголемите виновници што Босна беше фаворизирана. Тоа беше неколку месеци пред Зимскиот олимписки игри во Сараево и југословенскиот врв сакаше на секој можен начин да ја анимира босанската јавност, па дури и со подарување кошаркарска титула. Се сеќавам дека Циле од Дражен побара да ги промаши клучните слободни фрлања во последните секунди, кои се покажаа победнички за Шибенка само Босна да биде шампион. Но мојот син секогаш давал сѐ од себе и сакал спортски однос, поради што не ја прифати неговата сугестија. Поради тоа, Дражен беше единствениот кошаркар на Шибенка што Тупурковски не го бакна за време на доделување на медалите. А тоа него тоа многу го погоди“, ни откри мајката на Дражен, Бисерка Петровиќ, во интервју направено пред неколку години.

Повеќе детали за случувањата од пред речиси четири децении прочитајте на следниот линк.