Србите тврдат: Работнички одново не прифатил да игра во АБА2-лигата?!

Српските медиуми денеска ја бомбардираа јавноста со информации околу изгледот на АБА2-лигата во следната сезона, а на нивниот список со екипи кои би учествувале во ова натпреварување го нема нашиот Работнички, кој пред неколку дена и официјално доби покана за настап.

Ова може да биде избрзана вест, со оглед што центарци имаат рок до 15 јуни да ја прифатат или одбијат поканата од регионалната лига, но очигледно северните колеги имаат подобри сознанија, особено во ситуација кога веќе подолг период не излегуваат ама баш никакви информации од таборот на црвено-белите од „Градски парк“. Сега, останува да се види дали луѓето од Работнички ќе ги изненадат сите или, пак, ќе се потврди најавата дека и четврта сезона по ред ќе одбијат да играат во АБА2, за која редовно имаат покана за настап уште од нејзиното формирање во 2017 година.

Една од причините за евентуалното неиграње на Работнички во АБА2 е фактот што МЗТ Скопје е сѐ поблиску до промоција во АБА1 на местото на финансиски колабираната Копер Приморска. Јавна тајна веќе неколку години наназад е дека навивачите на центарци во никој случај не би поддржале, па и дозволиле нивните миленици да играат во второлигашка конкуренција во кое најголемиот ривал игра во елитата во истото натпреварување.

Во меѓувреме, се погласни се најавите дека 15-кратниот шампион би можел да се пријави за учество во квалификациите за Лигата на шампионите на ФИБА, каде што би требало да почне од првото коло и да мине вкупно три за да дојде до групната фаза. Во случај на елиминација, македонскиот тим би имал можност да настапува во ФИБА Еврокупот, каде што веднаш би биле вклучено во една од групите во кои досега имаше по четири екипи.