Словенците хендикепирани на ЕП – Дончиќ остана „сам“

Непосредно по почетокот на подготовките за Европското првенство, словенечката репрезентација остана без двајца исклучително важни кошаркари, секако членови на стартната петорка.

Прво откажа Влатко Чанчар кој неодамна се врати од НБА и потпиша за Олимпија Милано, а веднаш по него, истото го направи натурализираниот словенечки репрезентативец Џош Нибо. За нивното можно откажување се зборуваше уште откако селекторот Секулиќ го објави првичниот список на играчи за Еуробаскетот, но тој упорно повторуваше дека ги очекува на стартот на подготовките и дека ќе имаат значајна улога на првенството.

Неиграњето на Чанчар и Нибо ќе ѝ направи проблем на словенечката репрезентација под кошевите бидејќи Секулиќ останува без еден центар и еден кошаркар кој може да ги пополни позициите 3 и 4. Ситуацијата ќе мораат да ја спасуваат Жига Данеу, Роберт Јурковиќ, Лука Шчука, Мартин Крампљ…, но јасно е дека тие немаат квалитет како Чанчар и Нибо кои беа сигурни стартери, па и Лука Дончиќ нема покрај себе да има кошаркари кои ќе му помогнат во тешки моменти.

Освен тоа, Словенија сега останува и без натурализиран кошаркар бидејќи Мајк Тоби објави дека повеќе нема да игра за репрезентацијата, Џордан Морган се соочува со проблеми со повреди, а време за натурализирање нов играч нема. Постоеја најави дека дополнително ќе биде повикан Ален Омиќ, но тој последен пат играше за националниот тим во 2015 година.

Репрезентацијата на Словенија од минатата недела се наоѓа на висински подготовки на планината Рогла. Со подготвителни натпревари ќе почне на 8 август кога во Стожице ќе го пречека светскиот шампион Германија, два дена подоцна ќе гостува во Манхајм, а потоа ќе се сретне и со Литванија, Летонија, Велика Британија и Србија.