Работнички со шести пораз по ред се збогува со настапот во АБА2-лигата!

Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб, екипата на Работнички, го одигра својот најдобар натпревар оваа сезона во АБА-2 лигата, но не успеа да дојде до првата победа, откаков загуби на домашен терен од Војводина (70-74) во драматичен дуел со едно продолжение.

Иако на претходните пет натпревари претрпеа убедливи порази, Работнички овојпат покажа борбен дух. Војводина започна силно и го доби првиот период со убедливи 25-11. Но, со одлична игра на Полутак и Ефремовски, домаќините се вратија во вториот квартал, намалувајќи ја разликата на 35-38 до полувремето.

Натпреварот продолжи во неизвесност до самиот крај. Егалот во регуларниот дел (64-64) ги одведе тимовите во продолженија, каде Војводина покажа повеќе стабилност и со серија од 7-2 го осигура триумфот.