Младен Ѓуроски е човекот кој ќе го наследи Антиќ на кормилото на КФМ!

Поранешниот македонски репрезентативец, Младен Ѓуроски, кој ја има поддршката на повеќе од 80-отсто од клубови во државата, ќе биде новиот претседател на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), нешто што требаше да се случи на денешното Собрание да не беа опструкциите и процедуралните заврзлами од страна на актуелниот прв човек, Перо Антиќ.

Станува збор за добро познато име во кошаркарските кругови, зад кое е богата интернационална кариера настапувајќи за екипи како Цибона, Сплит, Хелиос, Борац Чачак, романски Арад, но и за Работнички, МЗТ Скопје и Гостивар. Важи и за повеќе од успешен бизнисмен, чиј проект „Бизнис лига во фудбал“ трае долги години, а зад кој се и други успешни приказни како ски-школа во Маврово и работа како тим-менаџер во гостиварскиот прволигаш. Зад неговата кандидатура денеска застанаа речиси 40 од вкупно 46 клуба присутни на Собранието, што можеше да се види при гласањето за работните комисии, но немањето сенс и слушање на волјата на луѓето од кошарката од страна на Антиќ само ја пролонгираа промоцијата на Ѓуроски во нов предводник на макбаскетот.

Денешните опструкции само ќе ја зголемат неговата и желбата на неговите поддржувачи за промени во Куќата на кошарката, со цел со максимално посветена работа да се врати овој спорт онаму каде што и му е местото – во европскиот врв. Од Иницијативниот одбор за промени во КФМ, кој стои позади Ѓуроски, потенцираат дека ќе продолжат со активностите и дека е само прашање на време кога ќе дојде до смена на Антиќ и неговите соработници. Секако, според сите важечки акти и со почитување на процедурата, а и покрај сите опструкции како таа денеска од актуелниот претседател и малкутемина што стојат до него.