
Работнички доби џекпот - на домашен терен ќе брка групна фаза во ФИБА Еврокупот!
Тимот од „Градски парк“ ќе нагости уште два или евентуално три тима, а само победникот ќе обезбеди место меѓу 40. екипи кои ќе настапат во главната рунда поделени во десет групи од по четири екипи. Покрај Работнички, чест да биде организатор на квалификациски турнир добија кипарски Керавнос, естонски Парану Садам, финскиот тим Катаја Баскет, унгарски Корменд, шведски Јамтланд и турска Маниса.
Вториот македонски претставник, составот на Феникс, не доби можност да биде домаќин иако аплицираше за тоа, а со оглед на правилата кои забрануваат два тима од иста држава да играат на исто место, за очекување е скопјани да се најдат во групата на Кипар, Унгарија или во Турција, со оглед на географската припадност која се гледа при ждрепката на екипите.
Пресметките во Скопје ќе се одржат од 2 до 5 октомври, најверојатно во СРЦ „Кале“, каде што центарци и следната сезона ќе ги играат своите домашни средби, со оглед што засега нема ништо од најавеното реновирање на култниот „Градски парк“. Ждрепката е закажана за утре во Минхен, а планирани се шест турнири со по три тима и еден со четири.