Анчелоти: Ако Барса сака титула, ќе мора да се потруди за неа

Иако шансите на Реал за шампионска титула во Ла Лига се сведени на минимум, Карло Анчелоти беше презадоволен од карактерот на неговите фудбалери на синоќешниот меч против Мајорка.

„Кралевите“ беа во негатива до 68. минута, нерешено беше до 95., но Јакобо Рамон постигна гол и ги донесе трите бода. Реал беше без дури 12 фудбалери кои отсуствуваа поради повреди и тоа дава дополнителна тежина триумфот во дуелот со Мајорка. Анчелоти по натпреварот дури и ја „пецна“ Барселона чии навивачи во текот на мечот почнаа да ја слават титулата.

„Не ѝ дозволивме на Барса вечерва да слави. Ако ја сака титулата, ќе мора да се потруди и да го победи Еспањол. Немаме намера да се откажеме од борбата за Ла Лига, се уште сме во игра. Да го игравме секој натпревар како овој, ќе бевме во значително подобра ситуација“, рече Анчелоти.

Реал е на четири бода негатива во однос на Барса која има незгоден распоред во последните три кола бидејќи гостува кај Еспањол и Атлетик, а го пречекува Виљареал. Потребна ѝ е една победа или два нерешени резултати, но тие треба да се остварат на терен.