
Студен туш за „каталонците“: Навивачи на Барса почнаа да се собираат за славје, Рамон ги олади
На дуелот меѓу Реал и Мајорка беше нерешено (1-1) се до петтата минута од судиското продолжение, а таков резултат ѝ одеше во прилог на Барса. Сепак, Јакобо Рамон во последната акција успеа да ја затресе мрежата на гостинскиот тим и да ги задржи теоретските шанси на Реал дека може да дојде до трофејот.
Со оглед на тоа што на полувреме, а и до 68. минута Мајорка водеше со 1-0, навивачи на Барселона почнаа да се собираат на Ла Рамбла и да го чекаат последниот свиреж на Бернабе за да почнат со славјето. На крајот доживеаја студен туш и мораа да одложат барем за 24 часа, до завршувањето на вечерашниот меч против Еспањол на Корнеља дел Прат. На Барселона ѝ е потребна победа за вечерва да ја освои титулата, во спротивно остануваат математичките шанси Реал да заврши на првото место.