Хаос по вториот пораз од ТФТ: Работнички остана без тренер - Самарџиев поднесе оставка!

Екипата на Работнички се наоѓа пред работ од бездната во полуфиналето од плејофот, откако денеска и вторпат по ред загубија од ТФТ во серија што се игра до три победи, но тоа не е најголемиот проблем во таборот на најтрофејниот.

Неофицијално, по вечерашната пресметка во СРЦ „Кале“ оставка поднел тренерот Горан Самарџиев, кој се најде на удар на присутните навивачи на црвено-белите. Тој својата одлука ја соопштил во соблекувалната, а последните информации се дека оваа вест е дефинитивна и дека утре ќе биде официјализирана, со името на тренерот кој ќе ја доврши сезоната.

Работнички сезонава играше променливо, па регуларниот дел го заврши како третопласиран со седум порази во 22 меча. Тоа им донесе четврт-финале со се уште актуелниот вицешампион Пелистер, во кое поведоа со 2-0, па убедливо ги загубија двата меча во Битола за да соберат сили и да ја добијат „мајсторката“ на домашен терен. Центарци сега се пред елиминација, а за да го избегнат тоа им треба чудо односно три победи во низа против екипата од која сезонава ги загубија сите четири одиграни средби.

Самарџиев ги презеде црвено-белите седна во октомври 2023 година и тоа на местото на Димитар Мираковски. Ова му е прва сезона од почеток на клупата на 15-кратниот шампион, а во моментов е неизвесно дали ќе ја заврши на само еден или нешто повеќе натпревари пред нејзиниот крај.