Поранешен селектор ќе го предизвика МЗТ Скопје во АБА2-лигата!

Добрите игри по неговото доаѓање, сензационалната победа над Црвена звезда и обезбедување место кое води во АБА2-лигата на поранешниот македонски кошаркарски селектор, Јовица Арсиќ, му донесе нов договор со екипата на Борац од Чачак.

Станува збор за српски стратег, кој обезбеди пласман и беше на клупата на жолто-црвените на Европското првенство (ЕП) во Полска во 2009 година и кој дојде во незгоден момент на клупата на чачанскиот тим по неуспехот на фајналфор-турнирот за пласман во првата лига на АБА. Арсиќ го прероди тимот, оствари неколку големи победи, а лесно можеше и да се најде во финалето на плејофот во Србија, откако беше елиминиран од ФМП дури по мајсторка во полуфиналето.

„Договорот е потпишан на заедничко задоволство. Продолжувањето на договорот беше логичен чекор по добрите игри во финишот од минатата сезона. Сигурен сум дека не можеше поинаку. Плановите на клубот се идентични како и моите и се надевам дека ова е почеток на долга и плодна соработка“, изјави Арсиќ.

Србинот пред десетина години беше тренер на Струмица, а зад себе има три титули шампион во Бугарија со Лукоил Академик (сега Левски Лукоил). Арсиќ кај нас е познат и како селектор кој го избркал, барем привремено, Перо Антиќ од подготовките на репрезентацијата, откако тројниот европски шампион го нокаутира соиграчот Синиша Аврамовски.

Тој во следната сезона ќе има шанса по подолго време пак да се сретне со МЗТ Скопје во склоп на АБА2-лигата. Арсиќ не го памети по добро последниот меч против „металците“, со оглед што се случи голема тепачка на пријателски дуел во популарната „лименка“, кога пред шест години гостуваше со украински Черкаси мавпи.