По поразот во „мечот на сезоната“: МЗТ ангажира познато име како замена за Ајви!

Американецот Дастин Вер (31 год, 183 см) повторно ќе го носи дресот на МЗТ Скопје, откако денеска е промовиран во нов член на македонскиот првак, на местото на Бре Ајви, кој пред неколку неочекувано замина од Аеродром.

Станува збор за познато име за навивачите на аеродромци, со оглед што искусниот плејмејкер минатата сезона ја почна во сино-белиот дрес, но си замина кон крајот на јануари откако доби подобра понуда од францускиот прволигаш Шалон Ремс. Вер минатото лето играше во Венецуела, а сезонава ја почна во Литванија од каде што се враќа во Скопје. Челниците на АБА-лигашот истовремено понудија свое објаснување за изненадното заминување на Ајви и тоа по само неколку добро одиграни мечеви.

„Ајви по само неколкуте добри партии во низа доби побогати понуди кои му го нарушија фокусот и посветеноста кон нашиот тим, па изрази желба по секоја цена да си замине. Како и повеќе пати претходно, не сакавме во своите редови да имаме незадоволен кошаркар кој нема да го дава својот максимум, поради што му излеговме во пресрет“, велат од таборот на „металците“.

МЗТ вчера го загуби „мечот на сезоната“ на домашен терен против Борац Чачак (73-81), по што сега е изедначен со овој тим на дното од јадранската табела со скор 2-7. Две победи има и Сплит, кој денеска го пречекува составот на Мега МИС, кој, пак, има еден триумф повеќе. Ова се четирите екипи кои до крајот ќе бијат грчевита битка за избегнување на најлошото – испаѓање во АБА2. Последниот тим на табелата директно оди во понизок ранг, а претпоследниот ќе игра бараж со второпласираниот во второлигашката конкуренција.