Кошаркарите на Пелистер пропуштија шанса уште вечерва да направат огромен исчекор кон пласман во плејофот од АБА2, откако загубија во пресметката со Подгорица (81-86) во меч во кој во поголем дел од средбата беа подобар противник.

Ова не значи и целосно збогување со сонот за место во доигрувањето, но задачата сега стана многу потешка бидејќи на битолчани за тоа ќе им треба победа против Спартак Суботица, најдобриот досега во ова регионално натпреварување. Тоа ќе биде последен дуел за нов во регуларниот дел од сезоната закажан за задутре (сабота) во 12 часот. Зелено-белите уште во првата четвртина покажаа желба за успех и дојдоа до водство 15-9, а во вториот период да обезбедат и двоцифрена предност (37-27) која им даде надеж дека можат да дојдат до посакуваниот триумф.

Избраниците на тренерот Дарко Радуловиќ со десет поени во низа на крајот од третата и почетокот на последната четвртина обезбедија и највисоки плус 12 (70-58) и – застанаа. Противникот тоа максимално го искористи и со серија 17-3 направи целосен резултатски пресврт (75-73), за набрзо потоа со пет поени во низа да дојде и до 84-79, резултат што им ја осигура победата. Андреј Маслинко со 24 поени и 10 скока и Јуре Планиниќ со 19 поени и шест скока беа најдобри во македонскиот тим.

Пелистер пред последното коло има скор 5-7 и е на делба на осмата позиција, последна што води во плејофот, заедно со Хелиос и Борац Бања Лука. Битолчани имаат победи во меѓусебните дуели против овие два тима, што значи дека во ситуација на идентичен скор на крајот би бил најдобро пласиран. Зелено-белите би дошле до плејофот и во ситуација ако словенечкиот и босанскиот тим загубат во последните средби.