„Обрадовиќ да не се радува премногу – пак ќе го победиме Партизан среде Белград!“

Кошаркарите на Студентски центар синоќа, на средбата на домашен терен, беа на чекор до нова сензација во дуелите со Партизан, што ќе значеше историска елиминација на фаворитот, но на крајот пресуди поголемото искуство на противникот, кој со победа 81-79 се избори за „мајсторка“ во четвртфиналната плејоф-серија во АБА.

Без разлика на поразот, тренерот на црногорскиот тим, кој до пред неколку сезони биеше жестоки битки со МЗТ Скопје во АБА2-лигата, најавува дека неговите момци ќе сторат се повторно да изненадат во српската престолнина, како што тоа го направија на првата средба.

„Разочарани сме што на ваков начин го загубивме натпреварот, иако водевме во поголемиот дел. Ќе беше неверојатно да поминевме понатака, бидејќи никој не очекуваше дека ќе добиеме една, а не пак две средби против големиот Партизан. Немавме среќа на крајот, но сега треба да го заборавиме овој меч и да се насочиме кон 'мајсторката'. Не би му препорачал на противничкиот тренер да се радува премногу, бидејќи ние пак ќе одиме во Белград да го победиме Партизан. И, ако играме како на првата средба, убеден сум дека ќе може да го сториме тоа“, изјави Андреј Жекељ, тренерот на подгоричани.

Решавачкиот меч од четвртфиналната серија од АБА помеѓу Партизан и Студентски центар се игра в понеделник во белградска „Штарк Арена“. Победникот во полуфиналето ќе игра против Цедевита Олимпија.