МЗТ вечерва брка „златна победа“ вредна најмалку - бараж за влез во АБА1!

Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва ќе ја одиграа последната средба од регуларниот дел од АБА2-лигата и тоа против Широки (18 часот), организаторот на турнирот каде што финишира ова второ по квалитет регионално натпреварување, во која бркаат – злато вредна победа.

Триумф за сино-белите ќе значи пласман на четвртото место на табелата пред плејофот, но што уште поважно ќе им го донесе епитетот на најдобра несрпска екипа пред стартот на доигрувањето. Според последните информации при приемот на Дубаи во АБА, ваквиот пласман на најдобра позиција во однос на тимовите кои не доаѓаат од нашето северно соседство автоматски ќе значи и најмалку бараж за влез во регионалната елита против последно пласираниот сезонава во оваа конкуренција.

Српските претставници Спартак Суботица, Војводина и Златибор веќе се сигурни на првите три места и ако некој од нив стане шампион на АБА2 ќе може да биде промовиран во повисок ранг поради зголемувањето на националниот клуч од максимални пет на шест претставника од иста држава (Србија сега има пет). Ова значи дека ако некој тим од останатиот дел од регионот не победи во финалето, тогаш најдобриот несрпски тим од регуларниот дел ќе игра бараж против најлошиот во АБА, која од следната сезона ќе брои 15 тимови.

Ваквите информации од челниците на регионалното натпреварување треба да донесат дополнителен мотив кај избраниците на тренерот Васко Атанасов, бидејќи со победа ќе дојдат до остварување барем на една од целите за оваа сезона, а тоа е можност да се игра за влез во друштвото на најдобрите. Тоа, пак, истовремено ќе ги ослободи од притисокот, па во доигрувањето ќе може без поголема грижа да одиграат најдобро што знаат да го остварат и тоа што најмногу го посакуваат – да победат во финалето од плејофот.

Математиката вели дека МЗТ Скопје со победа ќе заврши како четврти и во четвртфиналето од доигрувањето ќе ги одмери силите со Подгорица, а ако загуби денеска тогаш ќе финишира како петти и во првата рунда ќе ги одмери силите со истиот ривал со кого ќе игра вечерва – Широки. Плејофот сезонава првпат по подолго време нема да се игра турнирски и тоа според системот дома-гости, но не на победи туку на кош-разлика во само два меча. Првите средби ќе се играат кај полошо рангираниот тим, а реваншите како подобриот на табелата.