МЗТ на дуел со Борац, точно напладне

По победата против Сутјеска во четвртокот, МЗТ Скопје денеска ќе го заврши својот настап на вториот турнир од АБА 2 лигата.

Точно во 12 часот, противник ќе му биде босанскиот прволигаш Борац од Бања Лука со кого е на делба од шестата до десеттата позиција со биланс 2/2. Досега, двете екипи одиграле два меѓусебни дуели и на двата славеше македонскиот шампион. Во 2020 година победи со 99-75, а лани со 80-73.

МЗТ Скопје има можност првпат оваа сезона да има позитивен биланс во АБА 2 лигата. Загуби во првото коло од Цедевита Јуниор и во третиот од Хелиос, а ги победи Пелистер и Сутјеска. Борбата за пласман во плеј-офот е жестока и не е дозволен кикс против незгодниот ривал.

Останатите два македонски претставника, ТФТ и Пелистер, своите натпревари од петтото коло ќе ги одиграат утре.