МЗТ едно полувреме се загреваше, па лесно го преслуша гостинот од Вршац (ФОТО)

МЗТ Скопје со убедлива победа, која воопшто не беше лесно остварена, го почна настапот во новата сезона од АБА2 лигата, откако вечерва на домашен терен го совлада српскиот претставник Вршац (75-63).

Аеродромци дури во третиот период го скршија отпорот на младиот противник, кој во првите 20 минути одлично им парираше на далеку поискусните играчи во сино-бела опрема. Серијата 10-0 набрзо по одморот помеѓу двете полувремиња на „металците“ им го донесе првото поопипливо водство (52-43), кое потоа само беше одржувано до крајот. Првото полувреме не беше баш за пофалба за тимот предводен од Васко Атанасов, со оглед што противникот речиси постојано беше во водство, а неговите кошаркари не можеа да го пронајдат вистинскиот ритам.

Американецот Илајџа Мекејден со 21 поени и неговиот сонародник Мек Смит со 18 поени беа најпрецизни во составот на македонскиот шампион, со напомена дека двајцата понекогаш и претерано солираа и имаа речиси половина од шутевите на својата екипа. Двоцифрен ефект имаше и третиот кошаркар од САД, Хуан Дејвис, кој средбата ја заврши со 10 поени (3/3 за тројка).

Следен противник за МЗТ Скопје е тимот на Сутјеска, каде што кошаркарите на овој тим ќе гостуваат за две недели. Вториот македонски претставник, тимот на ТФТ, својот воведен дуел ќе го одигра следниот понеделник на гости кај поранешниот европски шампион, Цибона.