Се растура друштвото на Меси: Уште еден другар на Аргентинецот најави пензија!

Шпанскиот фудбалер и член на Интер Мајами, Жорди Алба соопшти дека донел одлука да ја заврши професионалната кариера на крајот на актуелната сезона во МЛС лигата.

Алба во Интер пристигна во 2023 година и имаше договор до крајот на 2027 година. Меѓутоа на социјалните мрежи објави дека на крајот од сезоната се повлекува.

„Дојде тој момент да затворам важно поглавје во мојот живот. Одлучив да ја завршам својата професионална кариера на крајот на оваа сезона. Сега е вистинско време да започнам нешто ново. Фудбалот ми даде апсолутно се. Благодарем сум на моите соиграчи, тренерите, клупската управа и ривалите кои ме тераа да дадам е од себе“, објави меѓу другто Алба.

Алба пред Интер Мајами покрај Барселона каде што исто така беше соиграч со Меси настапуваше уште за: Корнелија, Гиманстик и Валенсија. Најголема трага остави во Барселона за која настапи на 459 натпревари и постигна 27 голови.

Ќе потсетиме, претходно крај на кариерата по завршувањето од сезоната најави и Серхио Бускетс.