Минаа 15 години од чудесната тројка на партизановиот „Агент 006“ (ВИДЕО)

На денешен ден, пред точно 15 години, кошаркарите на Партизан дојдоа до титулата во АБА-лигата и тоа на драматичен начин, благодарение на тројката од цел терен на Душан Кецман.

Средбата се одигра на 25 април 2010 година, во која „црно-белите“ го совладаа тимот на Цибона во Загреб со резултат 75-74 и станаа шампиони лигата во финале што остана врежано во историјата на регионалната кошарка. Натпреварот се одигра пред 16.200 гледачи во тогаш новата „Арена Загреб“. Двете екипи ја завршија сезоната со по 20 победи, а на патот до финалето Партизан го елиминираше Хемофарм, додека Цибона беше подобра од Олимпија.

Во последните секунди од мечот, се чинеше дека Цибона ќе триумфира. По промашеното слободно фрлање на Лоренс Робертс, Марко Томас асистираше до Бојан Богдановиќ, кој погоди тројка за водство. Коментаторот Един Авдиќ ја проследи сцената со зборовите: „Богдановиќ, за титула... Богдановиќ погодува тројка!“, додека неговиот колега Ненад Костиќ укажа дека времето сè уште не истекло – и беше во право - на часовникот останаа 0,6 секунди.

Играчите и стручниот штаб на Цибона веќе започнаа да слават, но, славјето беше прерано. Кецман ја искористи последната акција, прими топка и испрати шут од својата половина – кој заврши во кошот со звукот на сирената, носејќи му победа и титула на Партизан, и обезбедувајќи си место меѓу легендите на клубот.

ФОТО: EPA PHOTO