
Место емпатија, Симаниќ доби тешки навреди на социјалните мрежи
Кошаркарот кој последната сезона ја мина во Игокеа, напиша дека за Србија го дал својот бубрег, а за возврат добил понижување. За медиумите објасни дека бил разочаран од одлуката на селекторот, а сметаше дека треба да се најде меѓу патниците на Еуробаскетот затоа што пред две години, на Мундијалот на Далечниот исток остана без бубрег по судирот со Нуни Омот.
Сепак, неговата објава место емпатија, предизвика гнев кај голем дел од љубителите на кошарката во Србија. Симаниќ беше нападнат дека беспотребно го врти вниманието врз себе и дека не е квалитет за да биде стандарден репрезентативец.
„Симаниќ не е ништо посебно како играч, а сега глуми жртва. Повреда може секому да се случи, но никој досега не излегол со приказна дека дал лигаменти, прст или нос за тимот. Разбирам дека повредата на бубрегот била тешка, но надмини го тоа веќе еднаш“... „Симаниќ се однесува како да дошол и без никаква причина рекол: Вадете ми го бубрегот за Србија“... „Симаниќ и во најдобра форма не би бил репрезентативец“, напишаа некои од фановите на Твитер.
Пешиќ се уште јавно не го објавил списокот на кошаркари за претстојниот Еуробаскет, но Симаниќ од Сојузот добил информација дека нема да биде на него.